Одбраната на Марјан „Доказ“ ќе се жали на пресудата, бараат и укинување на притворот

од Nikola Popovski
205 прегледи

Адвокатскиот тим на сопственикот на порталот Доказ, Марјан Стаменковски ќе се жали на изречената пресуда. Според нив, затворската казна од три години и еден месец е превисока.

-Сметаме дека е изречена една висока казна за дела коишто во текот на целокупната постапка како одбрана наведувавме дека нема елементи на истите и не се исполнети законските битија, изјави адвокатката Марина Петрезанова.

Одбраната најавила и жалба на решението со кое е продолжен притворот на Стаменковски.

– Со оглед дека навистина е влошена здравствената состојба и има добиено шеќер. Веќе влегува во некоја група на инсулинска терапија, каде што дефинитивно третманот не може да биде соодветен во условите каде што моментално се наоѓа, посочила Петрезанова.

На Стаменковски му е изречена и забрана за вршење на професија и регистрација на портал и домејн во рок од 10 години, ако сака да отвори портал во свое име во Македонија. Со ова, престанува да важи регистрацијата и на сите досега регистрирани домени.

Тој доби и казна од 5.000 евра односно 250 дневни глоби, за злоупотребата на лични податоци.

Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб порталот во негова сопственост. Пријавите беа од две новинарки и еден владика.

Слични содржини