Одбраната на Рашковски: Јавното обвинителство ја зацврстуваше негативната слика за нашиот клиент, бараме судот да пресуди само врз основа на доказите

од Nikola Popovski
417 прегледи

Адвокатскиот тим на поранешниот генсек на Владата, Драги Рашковски, првообвинет во случајот „Софтвери“ денеска порача дека надлежното Јавно обвинителство продолжило преку „информирање“ на јавноста да ја зацврстува негативната слика за нивниот клиент.

-Ние како одбрана која не располага со таква моќ за создавање на јавна слика, ниту спрема јавноста, ниту спрема судот, го браневме Рашковски со законски средства и на законит начин, во правна борба која се одвива во судница.

До денес не излеговме во јавност бидејќи одбраната, а исто така и гонењето на осомничените се води во судската арена, а не преку медиуми. Судот ќе мора да ги види и цени и доказите на одбраната кои ја докажуваат невиноста на обвинетиот. Нема да ги преоптоваруваме јавноста и медиумите со деталите од постапката, бидејќи судењата се јавни, беа следени од медиумите и од меѓународните организации кои имаа прилика да слушнат се и самите да донесат заклучок дали целта беше Драги Рашковски однапред да се огласи за виновен, без оглед дали за неговата вина постојат докази или не.

Поради тоа, како одбрана бараме судот да пресуди само врз основа на доказите, со што би ја докажал независнота, објективноста и непристрасноста во оваа кривична постапка, велат од адвокатскиот тим на Рашковски после одржувањето на рочиште за завршни зборови за случајот „Софтвери”.

Според обвинението, првообвинетиот Рашковски не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици. Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”. Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Слични содржини