Одговор на американската доминација? Европа сака свои чипови за вештачка интелигенција

од Vladimir Zorba
27 прегледи

Европската комисија сака да се осигури дека микропроцесорите потребни за обука на модели на вештачка интелигенција се произведуваат во Европа, изјави Хена Виркунен, главен комесар за технологија на Комисијата.

„Целта на Комисијата е да има фабрика за чипови со вештачка интелигенција на европско тло“, изјави Виркунен за „Политико“ во вторникот на маргините од Светската конференција за индустријата ITF во Антверпен. „Многу е важно за нашиот технолошки суверенитет да можеме да дизајнираме и произведуваме чипови за вештачка интелигенција во иднина“, нагласи таа.

Европските компании што развиваат вештачка интелигенција во голема мера зависат од американските производители на чипови, како што е Nvidia, за да добијат процесори со доволна компјутерска моќ за обука на најсложените модели на вештачка интелигенција. САД неодамна се заканија дека ќе го ограничат извозот на одредени чипови во Европа, но минатата недела ја повлекоа мерката.

Напорите за обезбедување производство на чипови за вештачка интелигенција во Европа се дел од претстојната ревизија на Законот за чипови на ЕУ. Според оваа законска рамка, Европската комисија мора да презентира ревизија на својот план за производство на чипови до септември 2026 година, што има за цел да го зголеми уделот на ЕУ во глобалниот вредносен синџир на 20 проценти до 2030 година. Но, европските ревизори неодамна предупредија дека Унијата сè уште не ја исполнува таа цел.

Комисијата сега се обидува да идентификува каде има „дупки и празнини“ во кои треба да се инвестира и во кои сегменти мора да се обезбеди конкурентноста на ЕУ, објасни Виркунен. Лидерите во индустријата ја поддржаа нејзината иницијатива.

Лук Ван ден Хове, извршен директор на белгиската институција за истражување на развој на чипови IMEC, рече дека „еден од главните предизвици со кои се соочуваме е тоа што немаме големи „fabless“ компании како „Nvidia“. Ваквите компании (fabless) дизајнираат чипови, но немаат свои производствени капацитети, туку го препуштаат производството на надворешни партнери. „Ни требаат неколку вакви компании, токму тоа треба да го овозможиме“, рече Ван ден Хове.

Во последните месеци, неколку европски стартапи – како што е шпанскиот Openchip – открија планови за развој на европски чип за вештачка интелигенција кој би се натпреварувал со оние произведени од Nvidia. Сепак, нивните производи сè уште не се подготвени за пазарот.

Виркунен се сретна со претставници на Nvidia минатата недела за време на посетата на САД. „Европа е многу интересен континент од нивна перспектива“, рече таа, осврнувајќи се на плановите на Комисијата за основање фабрики за вештачка интелигенција што би им дале на стартапите и истражувачите пристап до потребната компјутерска моќ. „Ова се големи инвестиции кои ќе бараат огромни количини на чипови со вештачка интелигенција“, заклучи Виркунен.

Слични содржини