Одликување за спасувањето на Ериксен: Награда за Кјаер и докторите

од Nikola Popovski
277 прегледи

Капитенот на данската репрезентација, Симон Кјаер и медицинскиот тим што го спаси животот на Кристијан Ериксен, ќе ја добијат специјалната награда на претседателот на УЕФА, беше објавено во вторникот.

Како што е наведено, ова признание е знак за почит кон придонесот што сите го дадоа во спасувањето на Кристијан Ериксен, кога 29-годишниот фудбалер доживеа срцев удар и колабираше за време на натпреварот од групната фаза на Европското првенство против Финска.

Првиот човек на Европската куќа на фудбалот, Александар Чеферин, објави дека наградата оваа година оди надвор од рамките на фудбалот.

„Тоа ни служи како потсетник колку е скапоцен животот и става се во поинаква перспектива. Се восхитувам на лекарите и медицинскиот персонал за нивната исклучителна реакција и смиреност – особини што беа пресудни за спасување на Кристијан. Исто така, би сакал да го пофалам капетанот Симон Кјер за неговите исклучителни лидерски квалитети и огромната храброст што ја покажа во оваа ситуација“, рече Словенецот.

Кјаер покажа неверојатна трезвеност, решителност и почит во моментите кога неговиот соиграч од репрезентацијата се бореше за живот на фудбалскиот терен. Тој беше првиот кој притрча да му помогне, а потоа со соиграчите го опколија за медиумите да не продолжат да го снимаат во таквата непријатна ситуација.

„Сакам да им се заблагодарам на сите што ми помогнаа на 12 јуни. Направивте фантастична работа и ми го спасивте животот“, рече Ериксен.

„Му благодарам на мојот пријател и капитен Симон, моите соиграчи од националниот тим за поддршката, како на 12 јуни, така и подоцна. Благодарност и до фановите кои ми испратија пораки за поддршка. И, се разбира, на моето семејство“, додаде тој.

Слични содржини