Одложена средбата на Комисијата за историски прашања со Бугарија, која беше закажана за денеска. Нема да се одржи поради промената на составот. Првата средба на комисијата во нов состав, според информациите, се очекува во наредните една до две недели.
На владина седница пред една недела беше сменет составот на Комисијата, а историчарот Ванчо Ѓорѓиев е назначен за нејзин претседател. Тој, и претходно беше член на Комисијата, но пред речиси три години поднесе оставка обвинувајќи за притисоци и за директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски пред два дена изјави дека очекува разговорите во Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања да продолжат „објективно и во духот на пријателството и добрососедството“.
Тој пред медиумите пред учеството на деловниот појадок со Македонско-германското стопанско здружение истакна дека „тоа се процеси кои траат со децении, такви примери има во Европа“.
-Секое избрзано решение предизвикува други избрзани одлуки, а тие можат да бидат погреши. Очекувам дека во еден добрососедски дух, членовите на Комисијата да разговараат, кажа премиерот.
Темата за работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија продолжува да биде актуелна откако Мицкоски обвини дека историчарите кои учествуваат во неа од македонска страна „не ги штитат доволно националните интереси“. На затворена владина седница голем дел од нив беа сменети. Официјални информации за имињата на новите членови на Комисијата не беа соопштени, иако Мицкоски потврди дека има промена во составот.
Во отвореното писмо на членовите на претходниот состав на комисијата, повторно објавено во медиумите, изјавите на македонскиот премиер се оценети како „неаргументирани и навредливи“ и дека тој самиот ги поделил граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси според нивните лични ставови, со што, како што велат историчарите, „намерно испраќа авторитарна и заканувачки порака дека кој нема да ги оправда очекувањата ќе биде етикетиран дека не ги брани националните интереси“.