На барање на групата на Европската народна партија и со поддршка на бугарски европратеници, известувачот Томас Вајц побара и доби одложување на гласањето во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за усвојување на годишниот Извештај за напредокот на Македонија во ЕУ. Гласањето во парламентарниот комитет е закажано за 24 јуни, а на пленарната седница на ЕП во Стразбур во јули.
Иако истакна дека цврсто стои зад содржината на извештајот, Вајц одлучи да им даде простор на европратениците, особено од Бугарија. Тој забележал напната политичка дебата околу овој извештај.
-Целосно го поддржувам мојот извештај, сите парламентарни групи учествуваа во преговорите. Извештајот е на ЕП и нема за цел да ги реши билатералните проблеми меѓу Бугарија и РСМ. Прашањето за третманот на малцинствата е европско прашање, додаде тој.
Во своето писмо до своите колеги, бугарските европратеници изразија сомнежи во интегритетот на Вајц и пријавиле неправилности, вклучително и неовластено и предвремено протекување на внатрешни парламентарни информации, како што велат, клучни елементи од нацрт-документот и компромисни амандмани до официјалните власти во Македонија. За пример ја земаат изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, од 1 јуни дека однапред бил запознаен со извештајот многу детално.
„Исто така, вознемирувачка е изјавата на Мицкоски дека неговата влада работела на овој извештај 11 месеци заедно со известувачот за да постигне толку позитивен резултат за нив“, стои меѓу другото во писмото на бугарските европратеници.
Државниот врв со став – Македонија ги заврши работите, очекува реален извештај и поддршка за Резолуцијата за посебноста на македонскиот јазик и идентитет. Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова изрази очекување за поддршка на предлозите кои „ги гарантираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, бидејќи во спротивно тоа „ќе зборува многу лошо за демократскиот капацитет на Европскиот парламент“.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, оцени дека е значајно што во Извештајот првпат се споменува посебен македонски идентитет, со што, според него, Европа има шанса да ја исправи историска неправда и да наведе дека ние имаме македонски идентитет и посебен македонски јазик.
„Факт е дека во извештајот на Европскиот парламент за Република Северна Македонија се споменуваат македонскиот јазик и македонскиот идентитет, и не гледам никаков проблем во тоа“, изјави пред неколку дена известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за земјава, Вајц во изјава за бугарската телевизија БТВ.
-Со сето должно почитување – сите култури, идентитети и националности во Европа се тесно испреплетени. Го кажувам ова како Австриец, како Словенец, како Унгарец, како граѓанин на Европската Унија, рече Вајц.
Тој, претходно во интервју за „360 степени“ кажа дека неговиот нацрт-извештај за Македонија има неколку упатувања на признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, за што е напаѓан од бугарските европратеници, но оти според него, „нема сомнеж дека Македонците се Македонци и дека македонскиот јазик е македонски“.