Одложено првото рочиште од судењето против Марјан „Доказ“

од Nikola Popovski
144 прегледи

Се одложи првото рочиште и судењето против сопственикот на порталот „Доказ.мк“, Марјан Стаменковски откако неговата одбрана побара да се изземе скопското обвинителство од постапување по предметот.

Одбраната предложи обвинението во иднина да го застапува обвинител, односно обвинителство од друг град, со оглед на тоа дека меѓу оштетените се и четворица истражители од Скопското ОЈО.

Судењето продолжува в петок.

Како што се пренесува, јавноста е исклучена бидејќи ќе се изнесуваат детали за оштетените и сведоците и за нивните приватни животи.

Стаменковски се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела: две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – Уцена, едно кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци.

Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб порталот во негова сопственост. Пријавите се од две новинарки и еден владика.

Процесот го води судијката Марија Клетничка Марковска.

Слични содржини