Одложено рочиштето за случајот со претепувањето на Пендиков

од Nikola Popovski
54 прегледи

Рочиштето за случајот со претепувањето на секретарот на бугарското здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков е одложено за 31 октомври. На денешното рочиште во Основниот суд во Охрид требаше да бидат сослушани сведоците на одбраната на обвинетите Илија Спасески и Борче Ангелов. Наместо тоа, адвокатот, Димитрија Цобоски на обвинителот и на судијата им ги презентирал доказите на одбраната на случајот.

Обвинителката во случајот Викторија Коваческа-Мандулоска побарала да се запознае со доказите кои според нејзините зборови требало да бидат изведени осум дена по претходното рочиште во јули. Судијата мора да се запознае и со содржината на снимката на дискот за да одлучи дали ќе ја прифати како доказ во случајот.

Неговата одлука ќе се заснова на барањето на одбраната на Спасески и Ангелов, кои бараа судот од обвинителството во Охрид да побара информација дали Пендиков има истражна постапка за поседување дрога. Цобоски изјавил дека од негова страна биле побарани информации од СВР Охрид и од обвинителството при што добил одговор дека тој не бил во државата во таа прилика и поради тоа немало причина да се бара такви информации.

На прашањето на судијата каква е врската меѓу бараната информација и случајот за напад, адвокатот рекол според тоа ќе биде јасно дали причината за нападот е наведената во обвинението.

Охриѓанецот кој моментално живее во Софија, на 19 јануари минатата година беше претепан пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, тој доби и бугарско државјанство, што му го врачи потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Христијан Пендиков, македонски граѓанин со бугарска самосвест, е и секретар на сега згаснатиот бугарскиот клуб „Цар Борис“ Според обвинението, Спасески и Ангелов поради омраза по национална и етничка линија, го натепале Пендиков.

Слични содржини