ОДЛУКА НА СУДОТ ВО СТРАЗБУР: „Правдата задоволена, пирова победа над поранешното СЈО“

од Nikola Popovski
586 прегледи

Победа и успех или прерано славење и загриженост? Вакви пораки пристигнаа од главните политички фактори во земјата откако Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур одлучи да ги одбие жалбите на поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ за поништените аболиции од поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Премиерот Димитар Ковачевски смета дека ова е голем успех за државата. „Македонскиот тим навистина даде се од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај. Со одлуката која во случајов е во корист на државата, жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања“, рече премиерот. За разлика од него, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ порача дека „Владата наместо да слави, треба да се загрижи“. „Европскиот суд за човекови права донесе одлука во која вели дека поднесените апликации од апликантите се преуранети и не навлегува во суштината на апликациите. Во одлуката се вели дека не се исцрпени сите правни механизми во Македонија. Суштината и правдата ќе излезат на виделина“, децидни се од ВМРО-ДПМНЕ.

Во обид да дознаеме што значи ваквата одлука и како таа ќе се манифестира, „Локално“ поразговара со дел од аналитичарите. Според политиколог Благојче Атанасовски „ова е пропаѓање на последната шанса на спас на поранешните високи државни функционери од нивните инкриминирани дејанија“.

Благојче Атанасоски

-Пропаста на поранешното Специјално јавно обвинителство беше огромна победа за нив, но оваа одлука од судот во Стразбур е пораз, што значи победата над СЈО била пирова. Сега ќе ги користат сите (не) дозволени средства : поткуп и влијание на судии, избегнување на судските процеси преку правни акробации, се со цел да избегааат од правдата. Сепак како што чекориме кон отворање на првото поглавје од преговорите со Европската унија, така затворот ќе биде се поизвесна опција за децениските криминалци кои од Македонија направија Ел Дорадо на корупција до немајкаде и неказнет организиран криминал, смета Атанасоски.

Аналитичарот оценува дека правосудството е продолжена рака на политичко-партиски центри на моќ, цели три децении.

-Со чест на исклучоци, тие кои седат во судските одори и ѓомити треба да правораздаваат, најчесто се бирани пред се по партиска, роднинска, клановска линија и секогаш им беа должници на политичките центри на моќ. Имавме случаи и со давање на сексуални услуги на поранешни најмоќни функционери за да станете јавна обвинителка. Тоа мислам полека ќе мора да оди во заборав, ако сакаме да одиме на патот кон ЕУ. Во состојбата со правосудството Македонија стои најкатастрофално, и таму ќе мораме задолжително да покажеме најголеми резултати во иднина, оценува Атанасоски.

Според него, ова не е победа за СДСМ, туку за сите слободољубиви граѓани кои сакаат правна држава и владеење на правото.

-Сите кои Македонија ја гледаат како модерна уредена земја со функционален правен систем, каде што сите се еднакви пред законот, и тие што направиле ендемски криминал од милиони и милиони евра, Темида ќе ги стигне, заслужено. Не знам, зошто ВМРО-ДПМНЕ, негодува на ваквиот расплет, наместо да се огради од своите поранешни криминогени високи партиски структури и да остави на правосудството да ги третира случаите. Вака останува заложник на претходната корумпирано-криминализирана партиска раководна гарнитура. Лидерот Мицкоски, што побрзо треба да се екскомуницира и огради од нив, доколку сака да му поверуваме граѓаните дека ја има исчистено партијата од криминалците, бара Атанасоски.

Сепак тој не смета дека не верува дека драстично оваа одлука може да го смени политичкиот пејсаж во рејтинзите на партиите бидејќи граѓаните одамна се разочараа и не веруваат дека некогаш, навистина криминалците ќе ги стигне заслужената казна.

-Трагипародијата околу „затворските казни“ на Сашо Мијалков и Орце Камчев, одат во насока на потврда на разочараноста на граѓаните и нивното тотално неверување дека некогаш во Македонија ќе стигне правдата, ни кажа политичкиот аналитичар.

Војо Димоски

За разлика од него, поранешниот обвинител, а денес адвокат Војо Димоски во разговор за „Локално“ вели дека оваа одлука не значи ама баш ништо спектакуларно за нашиот правен систем и во таа смисла му е нејасен триумфализмот кај претставниците на Владата.

-Особено ми е нејасен и комичен заклучокот на Пендаровски дека ова значело стимул за граѓаните да ја бараат правдата кај домашните правосудни органи, вели Димоски.

Посочува дека Судот во Стразбур откако ја прифатил апликацијата констатирал нешто што требало да го констатира уште во првичното испитување на апликацијата, а тоа е дека не се исцрпени сите инстанци во нашиот национален правосуден систем.

-Таа околност за мене како правник е симптоматична. Инаку предметите на СЈО најмалку ќе пропаднат или ќе опстојат од одлуките на Судот во Стразбур. Да сумирам: одлуката на судот не е ништо ново под сонцето, порачува адвокатот.

Политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ исто така смета дека ова е одлична и праведна одлука која мораше да дојде многу порано. Тој во разговор за „Локално“ вели дека сепак правдата е навистина можна.

Ненад Јовановиќ

-Може малку доцни, ама сепак доаѓа. Од друга страна, она кое до вчера низ светот беше наречено „Македонско сценарио“ заедно со насилниците на Никола Груевски (и тој лично!), Стразбур пресуди и е одлична вест која ни вели дека нема да бидат помилувани – во Стразбур има паметни и пред се’ трезни луѓе. А ако беа помилувани, тогаш веројатно ние ќе бевме виновни, ние кои со години марширавме и се боревме против режимот на Груевски. Сакате да ме убедите дека Груевски и не беше насилник и булиевец, Сашо Мијалков не прислушуваше, Гордана Јанкуловска не спроведуваше гнасни хајки, Миле Јанакиевски не беше опакиот извршител на Груевски. Зарем може да се поверува дека овие злосторства не беа реални и конкретни, и дека тоа не се случи и се тоа беше фикционална конфузија во нашата „шарена глава“? Немојте да се лажеме. Злосторството кое Груевски и неговите извршители и’ го направија на оваа земја не може да се амнестира, ни рече Јовановиќ.

Тој е категоричен дека ваквата одлука значи дека страдањето на многу луѓе беше вистинско и реално.

-Значи дека нема таква работа, идеја и луѓе што националистите нема да ја злоупотребат и уништат. И дека под плаштот на „загрозениот идентитет“ во состојба се да те уништат на лично, а потоа тоа лично за брзо време станува и уништување на целиот колектив. Лесно се живее кога создавате клима за непријателства на секој чекор, а во позадина го пљачката и сиромашите истиот тој народ. И не само што му правите штета, туку го правите и потполно безначаен низ светот. Ете, тоа го направи Груевски и неговите, а Стразбур донесе исправна одлука. Дека ќе одговараат за злосторствата. И дека не се никакви жртви, туку беа чисти џелати. И молим лепо, прецизира аналитичарот.

За тоа кој победил, а кој изгубил со одлуката, Јовановиќ смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се засрами.

-Треба да ги признае гревовите од скорешното минато. Сите знаат што е ВМРО-ДПМНЕ. А знаат и во Европа колкава дамка остави режимот на Груевски. И наместо да се засрамат и се обидат да се промененат, тие повторно се суетни, злобни и во секоја нивни одговор има суптилна закана. Понекогаш мислам дека тие луѓе немаат чест и образ, единствено им е важна „фотељата“. Мицковци мислат исклучиво на свое лично позиционирање и затоа нив не ги допира ништо, а понајмалку Стразбур. Тоа е, со жалење констатирам, сомнителна опозиција составена од неверојатни опскуранти и среброљубци, анализира тој.

Проценува дека нема да дојде до промена во гласачкото тело на најголемата опозициска партија, „бидејќи како велат старите латини: истото на исто се радува“.

-Сега, после оваа одлука на Стразбур, важно е дека СДСМ се екипира и расне во широк Европски блок; важно е дека СДСМ има огормен капацитет за коалицирање, бидејќи тоа е инклузивна партија и не игра политика на негативна селекција, и важно е дека Европа и САД се на наша страна, на страната на Ковачевски. На крајот, ќе видите, Мицкоски ќе остане сам, без моќ за коалицирање, оти кој сака да си има работа со луѓе кои не знаат да се повинат за гревовите кои и ги направија на својата земја и на својот народ, истакнува Јовановиќ.

Н.П.

Слични содржини