Одлуката стапи во сила: Сиљановска помилува седум осуденици

од Nikola Popovski
76 прегледи

Во Службен весник излезе одлуката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со која за новогодишните празници се помилуваат седум осуденици. Потполно помилуван е Васко Доневски од Делчево, а намалување на затворските казни добија: Јани Симон од Ресен, Христијан Димкоски од Прилеп, Ниметула Нухи од Скопје, Халим Адеми од Тетово, Магдалена Елисковска од Скопје и Ристе Јованов од Неготино.

Шестемина осудени лица се помилувани во траење од 3 месеци, а едно лице 3 месеци и 4 дена, што кај него доведе до потполно ослободување од извршување на казната затвор.

Сиљановска-Давкова информираше дека целата работа била во рацете за Комисијата за помилување, а претходно стигнал предлог од Министерството за правда. Шефицата на државата добила објаснување за сите случаи.

-Правото на помилување е човечко право и се оценува ресоцијализацијата откако ќе се најдете во затвор – како се однесувате кон стореното дело, луѓето околу вас, кон работните обврски…Во овие луѓе, ама и во претходните, секогаш се наоѓале луѓе на кои што им била редуцурана или им биле простени последните три месеци од казната. Ниту Министерството за правда, ниту Комисијата за помилување можат или смеат да играат улога на истражни органи и да се јавуваат во АНБ или АР за да ги проверуваат луѓето, кажа вчера Сиљановска Давкова во изјава за медиумите.

Според претседателката, сегашниот Закон за помилување не е закон во вистинска смисла, по неколкуте одлуки на Уставниот суд.

-Нема систем, нам ни треба модерен Закон за помилување во кој што суштината ќе биде луѓето затвореници оти помилувањето не е квази-санкција туку разбирање и отворање на пат за еден друг живот, додаде Сиљановска Давкова.

Сите членови на првата Комисија за помилување што беше формирана од Сиљановска Давкова, поднесоа оставка од функцијата по критиките во јавноста за дел од имињата на листата за помилување кои беа објавени по повод празникот 23 Октомври. Новиот состав на Комисијата беше формиран на крајот на ноември, а го предводи д-р Милка Ристова.

Слични содржини