Повторно се одложи рочиштето за завршни зборови во судскиот процес за неколку кривични дела поврзани со пожарот во модуларната болница во Тетово во септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе.
Рочиштето се одложи поради отсуство на адвокатот на еден од обвинетите, поранешниот директор на болницата Артан Етеми. Поради тоа, судијата Јордан Велковски го презакажа за 29 мај.
Претходно на 25 април завршните зборови беа одложени за денеска поради отсуство на еден од обвинетите, поранешниот директор на болницата Флорим Бесими.
Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице, на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.
До судење дојде откако на 27 јули 2022 година Обвинителството поднесе обвинителен предмет до Основниот суд – Тетово. Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинженер и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција на Германија.
Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој биле приклучени дефибрилатор – апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.
Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 година, кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени, почна на 7 декември 2022 година откако од септември 2022 година до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.