Одобрена дозволата за најголемата нуклеарна централа во Европа

од Nikola Popovski

Финската агенција за нуклеарна безбедност му даде дозвола на петтиот нуклеарен реактор во таа земја да започне пробна работа со мала моќност.

Реакторот Олкилуото 3 (ОЛ3) треба да започне со редовно производство на електрична енергија во јуни 2022 година и ќе биде најголемиот реактор во Европа, објави бриселскиот портал Еуроактив.

Реакторот очекува да го зголеми енергетскиот капацитет на Финска за 1.600 мегавати, што би покривало околу 15 отсто од потрошувачката на електрична енергија во земјата. Максималното производство на електрична енергија од ветер во Финска, за споредба, е 2.500 мегавати.

Со стартот на реакторот Олкилуото 3, учеството на електричната енергија добиена од нуклеарните централи во Финска ќе се зголеми на околу 40 отсто.

Реакторот, кој се наоѓа на западниот брег на Финска, во голема мера ќе ја подобри енергетската независност на таа земја, која увезува струја од Шведска и Русија. Колку и како тоа ќе се одрази на сегашните цени на енергенсите се уште е неизвесно.

Реакторот требаше да биде завршен во 2009 година со вкупна цена од 3,2 милијарди евра. Конечните трошоци за изградба 13 години подоцна се проценуваат на 8,5 милијарди евра, објави порталот Бизлајф.

Во Финска голем дел од граѓаните ја поддржуваат нуклеарната енергија. Студијата спроведена од здружението на финската енергетска индустрија, Финиш Енерџи, покажа дека околу 50 отсто од Финците сакаат да го зголемат уделот на нуклеарната енергија во вкупното производство на енергија.

Слични содржини