Одобрени обвиненијата за 13 полицајци за пожарот во „Пулс“ и злоупотребите на ИПАРД фондовите

Полицајците за кои се закажани судењата се товарат за злоупотреба на службената положба, додека 13-те полицајци што се обвинети за директна поврзаност со трагедијата, се товарат за тешки дела против општата сигурност

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Принтскрин

Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје ги одобри обвинителните акти поврзани со пожарот во Кочани и со предметот за злоупотреби на средства од ИПАРД програмата.

Во првиот случај, обвинението се однесува на 13 полициски службеници кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, во врска со пожарот што на 16 март 2025 година избувна во објектот „Пулс“ во Кочани.

На почетокот на март стартуваат судењата за дел од полицајците обвинети за поврзаност со трагедијата во која загинаа 63 млади луѓе и над 200 беа повредени. Полицајците за кои се закажани судењата се товарат за злоупотреба на службената положба, додека 13-те полицајци што се обвинети за директна поврзаност со трагедијата, се товарат за тешки дела против општата сигурност.

Одобрен е и обвинителен акт против 5 физички лица поднесен од основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за кривични дела како давање и примање поткуп и противзаконито влијание, поврзани со користење средства од ИПАРД програмата, а во чиј склоп е и обвинителен предлог против 4 други физички и 1 правно лице.

Предметите ќе бидат распределени кај надлежни судии, а термините за судење ќе бидат објавени на веб-страницата на судот.