Одобрението за градба на „Шпански скали“ ништовно, одбиена жалбата на инвеститорот

од Берта Китинска
268 прегледи

Второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски, ја одби жалбата на инвеститорот Амадеус Девелопмент ДООЕЛ за изградба на „Шпанските скали“. Со ова останува на сила решението издадено од општина Центар за ништовност на одобрението за градење на таканаречените „Шпански скали“, за чија изградба имаше многу негативни реакции во јавноста.


Општина Центар, на 12.5.2020 година, донесе решение со кое го огласи за ништовно одобрението за градење на таканаречените „Шпански скали“, на инвеститорот Амадеус Девелопмент, затоа што истиот не започнал со градежни активности во законски предвидениот рок од 2 години.

Инвеститорот Амадеус Девелопмент ДООЕЛ, незадоволен од решението на Општина Центар, изјавил жалба до второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски, како орган надлежен за решавање на спорови.

Второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски на 20.8.2020, донел решение со кое што жалбата на инвеститорот изјавена против решението издадено од општината од 12.5.2020 се одбива како неоснована.

Второстепениот орган, откако детално го разгледал обжаленото решение и наводите во жалбата, констатирал дека Општина Центар детално го образложила и пресметала рокот од 2 години од денот кога одобрението за градење станало правосилно, а со тоа изминал и рокот за отпочнување на градба.

Со ова, второстепениот орган укажал дека Општина Центар правилно ги проценила и увидела дека се исполнети условите за огласување на ништовно одобрение за градење.

Оттука, Општина Центар постапила правилно и не го повредила законот како на нејзина штета, така на штета на граѓаните, а најмалку на штета на жалителот во постапката.

Општина Центар, во согласност со законите, секогаш ќе води сметка за зачувување на секој дел од јавниот простор, како јавно добро кое не треба и не смее да се приватизира и е достапно за користење од страна на сите граѓани.

Слични содржини