Советот за оценка на обвинителен акт, постапувајќи во оценка на обвинение против Љупчо Палевски, осомничен за две кривични дела – Убиство и две кривични дела – Грабнување, а поврзани со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска од Скопје и велешанецот Панче Жежовски во ноември 2023 година, донесе решение со кое Обвинителниот акт се одобрува во целост.
-За истиот кривично – правен настан, од претходно се обвинети 4 други лица за кои е оформен предмет кој е насрочен за 04.09.2024 година, а за евнтуални промени во терминот, странките и јавноста ќе бидат благовремено известена, информираа од Основниот кривичен суд во Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Ѓорчевска и 74-годишниот Жежовски. Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023, и според МВР, во потрагата по неа биле вклучени стотина полициски службеници, биле прегледани снимки од 50-ина камери и направени голем број информативни разговори. Безживотното тело на Вања беше пронајдено пред недела дена, во близина на скопското село Бразда. Нејзиното исчезнување го пријави нејзината мајка, а во потрагата се вклучија и надлежните институции и голем број граѓани.
Заднината на случајот со Ѓорчевска била да се изнудат пари од мајката на Вања, бил вмешан и член на семејството, а организаторот на сето тоа е и извршител на убиството.
Љупчо Палевски-Палчо беше екстрадиран од Турција, откако избега по убиствата.