Основниот суд, по предлог на Јавното обвинителство, му одреди краткотраен притвор од 48 часа на Стојанче Јовановски, сопруг на 31-годишната жена која заедно со нивното шестгодишно дете падна од балкон во скопската населба Карпош, информираа синоќа од Основното јавно обвинителство Скопје.
Јовановски е осомничен за наведување на сторување самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Во наредните два дена треба изјави да дадат и полициските службени лица кои постапувале по пријавите на Ивана за семејно насилство од нејзиниот сопруг (кои потоа со изјава ги повлекувала), како и надлежните во Центарот за социјални работи – Скопје, ако воопшто се бавеле со теророт што го трпела оштетената.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик. Притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата. По предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор“, кажаа од Обвинителството.
Имал 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и за недозволена трговија со дрога. Изминатите две години, бил пријавуван и за семејно насилство, но во сите случаи неговата сопруга Ивана се повлекувала од натамошна постапка.
„Во декември 2025 година по лишување од слобода за кривично дело по член 215 од КЗ за трговија со дрога, бидејќи кај истиот биле пронајдени 20 опаковки со дрога, истиот бил лишен од слобода“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
И кобниот понеделник, не бил поразличен од деновите кога станувало збор за семејното насилство. Два часа пред да згасне животот на мајката и на ќерката, претходела расправија меѓу сопружниците. По пријава, интервенирала полицијата, но Ивана негирала семејно насилство. Рекла дека е недоразбирање, и повторно решила да не поведе постапка и брачните односи да ги решава преку развод по институционален пат.
„Не барам никаква полициска постапка и понатамошно полициско постапување. Појаснувам дека настанот не сакам да го пријавам како семејно насилство, работите ќе ги средам по мирен пат и ќе се разведам“, цитираше министерот Тошковски.
По трагедијата, Министерството за труд и социјална политика врши вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи. Според првичните информации – починатата и сопругот првпат се евидентирани лани во октомври.