Вишиот суд во Белград одреди притвор за три лица уапсени поради заплена на повеќе од пет тони марихуана во селото Коњух, во близина на Крушевац. Како што соопшти судот, притвор им е одреден на Н.С., Р.С. и И.Д. по сите законски основи, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, повторување на кривичното дело и вознемирување на јавноста.
Претходно, Јавното обвинителство за организиран криминал соопшти дека е донесена наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски.
Осомничените се товарат за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги, а на сослушувањето во обвинителството го искористиле законското право да се бранат со молчење.
Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на организираната криминална група, во моментов е во бегство, поради што е поднесен предлог до судијата за претходна постапка за распишување потерница, вклучително и меѓународна.
Според обвинителството, групата делувала на меѓународно ниво и во текот на јануари годинава на територијата на Северна Македонија набавила повеќе од пет тони марихуана. Дрогата, според планот на организаторот, преку граница ја пренесувал Иван Драгниќ, по што била складирана во објекти поврзани со семејството Спасојевиќ, а за понатамошна продажба ја преземал Урош Младеновски.
Како особено индикативен детал, обвинителството наведува дека Иван Драгниќ е сосопственик на трговското друштво ALPHAPHARM, регистрирано во Скопје за производство и преработка на медицински канабис.
По повод акцијата се огласи и министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој изјави дека станува збор за најголемата заплена на дрога досега во Србија. Тој заедно со директорот на полицијата Драган Васиљевиќ ја пофалил Управата за криминалистичка полиција за, како што рече, исклучително успешно спроведената акција.
Оваа заплена се смета за рекордна во историјата на српската полиција. Претходниот рекорд изнесувал 1.960 килограми, додека во текот на целата мината година биле запленети вкупно 6,1 тон наркотични средства.