Одземено правото на потписи на раководители на сектори во Град Скопје, Ѓорѓиевски вели дека има најмногу доверба во неговата рака

-Јас имам најмногу доверба во мојот потпис и мојата рака, нека ми простат сите. Има 23 раководители во Градот Скопје, кажа градоначалникот

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Принтскрин/Топ тема

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски синоќа порача дека за разлика од минатото, сега нема да има пренатрупување и нема да се вработуваат луѓе, само колку да бидат вработени. Вели дека во клучни сектори има дефицит на кадар.

Тој информира дека одземено е правото на потписи на раководителите на сектори во Град Скопје. Смета дека тоа е добра одлука затоа што, како што вели, ќе има ревизија и одредени институции се занимаваат со состојбите во Градот Скопје и одредени постапки во минатото.

-Јас имам најмногу доверба во мојот потпис и мојата рака, нека ми простат сите. Има 23 раководители во Градот Скопје, кажа градоначалникот, додавајќи дека кадрите треба да се чесни и да работат одговорно. Ѓорѓиевски вели дека ќе создаде систем во кој што, прв кој што ќе аплицира, на него ќе му се одговори, па после тоа на другите.

Ѓорѓиевски изјави дека има голем број на вработени во градската администрација кои нему не му се потребни во Град Скопје. Тука ги спомна хигиеничарките и шоферите.

„Дваесет и пет хигиеничарки не ми требаат мене. Еве не ми требаат 25 хигиеничарки, но има во Град Скопје. Десетина шофери не ми требаат, еве сам се возам уште. Се возев во Кисела Вода сам, се возам и сега. Најбезбедно се чувствувам така. Тоа е мое лично право на избор. Тоа е моја реалност. Нема ниту обезбедување, имам соработник кој што ми помага околу ова“, порача Ѓорѓиевски во емисијата „Топ тема“.