Оер: Македонија да ги искористи искуствата на Алзас

од Vladimir Zorba
68 прегледи

Францускиот регион Алзас има богато искуство во однос на прекуграничната соработка со соседна Германија. Македонија може да учи од тоа искуство за што подобра искористеност на ЕУ фондовите наменети за оваа компонента, истакна француската амбасадорка Лоранс Оер, која попладнево се обрати на презентацијата на областа Алзас и можностите за соработка со Македонија.

oer-3-

За време на денешните средби на делегацијата од областа Алзас со претставници на македонските власти и на стопанските комори се разговарало и за унапредување на економската соработка во повеќе сектори како текстилната индустрија, трговијата и производство на вино, ИТ секторот, енергетскиот сектор и други.

Оер нагласи дека Македонија поседува голем број предности особено во образовниот систем, за што се прават напори за негово усовршување, а Алзас, рече, може да понуди екпертиза во областа на новите технологии.

– Се обидуваме да воспоставиме соработка не само на економски план туку и на универзитетско ниво. На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Универзитетот во Стразбур се издаваат заеднички дипломи кои помагаат во унапредување на севкупното образование. Станува збор за универзитетска диплома од областа на правото на интелектуална сопставеност која што е признаена во двете држави, рече Оер.

Заменик претседателот на Агенцијата за промоција на Алзас и регионален советник Мари Рен Фишер, која ја предводи француската делегација, истакна дека ова е посета на откривање на Македонија, а за некои можност за повторно враќање.

– Сакаме да ги запознаеме карактеристиките на вашата земја и подобро да ги разбереме вашите очекувања, но и предизвиците во една европска рамка која што заеднички ја споделуваме, рече Рен Фишер.

Регионот Алзас, по територијалната реформа во Франција, е споен со уште два други региони и заедно обединуваат популација од 5,6 милиони жители. Граничи со четири држави Германија, Швајцарија, Луксембург и Белгија. Главен политички и економски центар е Стразбур. Во регионот е развиена и автомобилската индустрија, биотехнологијата, хемиската и агро индустријата.

Значаен дел од приходот на регионот доаѓа од туризмот. Во 2015 забележани се 18,9 милиони посети на туристи. Врвот на сезоната е за време на божикните празници, што се должи на една долга традиција. Најбројни се германските туристи. Се смета и дека регионот е прв во Франција во производство на чоколадо, а препознатлив е и по Винскиот пат на Алзас, долг 170 километри со околу 50 винарии.