Најуспешниот дизајнер во историјата на Формула 1, Адријан Њуи, ќе работи за Aston Martin. Ова го соопшти сопственикот на тимот Лоренс Строл на специјална прес-конференција во новата база на тимот.
Канадскиот милијардер најави дека Њуи ќе биде „акционер и технички партнер“ буквално неколку секунди откако се појави на сцената.
„Адријан е најдобар во светот, никој друг нема такви достигнувања, тој е џентлмен и победник, има амбиции да победи. Пред 6 години го започнавме ова патување со Aston Martin, успеавме да привлечеме одлични луѓе во овој период, изградивме фантастичен менаџерски тим. И со нашата нова база демонстрираме дека имаме поголеми амбиции“, рече Строл.
„Лоренс е причината поради која сум тука, тој ме убеди, ме „запали“ за овој нов предизвик. Импресиониран сум од новата база на Aston Martin, попладне ќе ја погледнам и за мене ова може да биде нов дом, тука се чувствувам пријатно и удобно“, изјави Њуи кога се појави на сцената.
Строл објасни дека двајцата почнале да разговараат пред три години, а поактивно од април, кога станало јасно дека Адријан го напушта Ред Бул.
„Многу сум задоволен што ќе продолжам да работам со Хонда од 2026 година. Аеро правилата ќе бидат објавени во април, два месеци потоа ќе бидам дел од тимот. Морам да научам како да работам со новиот тим, да го постигнам најдоброто. Се надевам на добра сезона во 2025 година, но прво треба да научам да работам со други и оттаму се ќе си дојде на свое место“, објасни Њуи.
„Пред Адријан имаше многу други парчиња од сложувалката, менаџерскиот тим, Хонда, Арамко… Њуи е клучно и многу големо парче од сложувалката. И ова ќе има ефект врз целата организација. Ни остана и третата зграда каде што е новиот тунел за ветер кој ќе профункционира до крајот на годинава. Но, со оглед на тоа дека имаме половина база и без силен технички лидер како Њуи, 5-то место не е лошо, но сакам да одиме понатаму“, додаде Строл.