Официјално: Гундоган се врати во Манчестер Сити и им ја објасни ситуацијата на навивачите на Барселона

од Vladimir Zorba
29 прегледи

Илкај Гундоган официјално се врати во Манчестер Сити по само една сезона во Барселона. 33-годишниот Германец потпишал договор на една сезона, со опција за дополнителна година, пренесуваат медиумите на Островот. Играчот од средниот ред имаше седум многу успешни кампањи на „Етихад“, од кои последната ја освои тројната круна, пред да се пресели во Барселона како слободен играч.

Уште во понеделникот во Шпанија беше објавено дека Гундоган сака да се врати во Сити откако беше изоставен од групата за мечот со Валенсија во првото коло од „Ла Лига“. Според информациите, новиот тренер на Барселона, Ханзи Флик му рекол на искусниот играч за врска дека не е дел од неговите планови. Клубот сакаше да се ослободи од високата плата на Гундоган, поради што се согласија да го пуштат без пари, иако имаше договор со Каталонците уште една сезона.

Гундоган минатата сезона забележа 51 настап во сите натпреварувања, постигнувајќи само пет гола, што е негов најлош учинок во последните четири години.

Неколку минути пред Манчестер Сити и официјално да го потврди неговото враќање, Гундоган објави обраќање до навивачите на Барселона во кое навести дека не заминува по своја волја, туку затоа што клубот сака да се ослободи од неговата плата.

„По само една година, време е да се збогуваме. Дојдов овде да се соочам со нов, возбудлив предизвик и бев подготвен за тоа. Дадов се од себе за да се борам за тимот и клубот на најдобар можен начин во тешка сезона, а потоа со нетрпение очекував да им помогнам на моите соиграчи во новата кампања. Сега заминувам во тешка ситуација. Меѓутоа, ако моето заминување му помогне на клубот финансиски, ќе се чувствувам помалку тажен. Се на се, искуствата беа одлични, со подеми и падови. Отсекогаш сум сакал да играм за Барса и многу сум благодарен за сеќавањето и искуството што ќе го паметам до крајот на мојот живот. Ви посакувам се најдобро во претстојната сезона и во иднина. Навивачите заслужуваат овој голем клуб да се врати меѓу најдобрите во светот“, напиша Гундоган на својот профил на „Х“.

По враќањето во Сити, тој го изјави следново:

„Моите седум години во Манчестер Сити беа време на чисто задоволство за мене, и на теренот и надвор од него. Пораснав како личност и играч, развив посебен однос со навивачите на Сити и уживав во неверојатен успех. Тоа беше несекојдневен период од мојот живот. Да можеш да се вратиш овде значи многу.

Сите знаат колкава почит имам за Пеп – тој е најдобриот менаџер во светот и работата со него секој ден ве прави подобар играч. Се чувствувате постојано предизвикано, што за секој професионалец е токму она што го сакате. Едвај чекам повторно да работам со него.

Што да кажам за моите соиграчи овде… Тие се фудбалери од светска класа. Навистина сум среќен што имам шанса да тренирам и да играм покрај нив. Да бидам искрен, едвај чекам повторно да го облечам дресот на Сити“.

Слични содржини