Поранешниот играч на Манчестер Сити, Бенџамин Менди поднесе тужба против „граѓаните“. Французинот бара од клубот 11 милиони фунти заостанати плати, кои не ги добил бидејќи Сити престана да му исплаќа 500.000 фунти месечно само една недела откако против него беа изнесени обвинувања за силување и сексуален напад.
Клубот од „Етихад“ го донесе левиот бек од Монако за 52 милиони фунти во јули 2017 година. Договорот што го потпиша беше до јули 2023 година. Во договорот имаше и бонуси, според кои Менди требаше да добива по 1 милион фунти секој пат кога Сити се квалификува во Лигата на шампионите, како и 1,2 милиони фунти годишно за имиџ правата.
По обвинението против него во август, Фудбалскиот сојуз му забрани секакви фудбалски активности. Од клубот го известиле дека престануваат да му ги плаќаат хонорарите бидејќи не може да ги исполни договорните обврски. Сепак, Менди тврди дека според договорот Сити може да му ги замрзне платите само за период од шест недели.
Минатата година Менди беше ослободен од сите обвиненија кои му беа покренати. Подоцна потпиша договор со Лориен.