Поранешниот најдобар светски фудбалер Фабио Канаваро и официјално стана нов тренер на Динамо Загреб. Така беше одлучено на синоќешната седница на Извршниот одбор на тимот од Загреб. Со тоа, Италијанецот ќе го води клубот во кои веќе играат и двајцата македонски поранешни репрезентативци, Стефан Ристовски и Аријан Адеми.
Веќе претходно беше најавено дека Канаваро би можел да стане тренер на Динамо, како што имаше објавено и новинарот и инсајдер Фабрицио Романо, што на крајот и официјално се случи.
Канаваро ја освои Златната топка во 2006 година, но веќе извесно време е тренер, а неговата последна работа беше во Удинезе.
Пред тоа една сезона го водеше Беневенто, а поголемиот дел од својата тренерска кариера ја мина во Кина каде четири години беше на клупата на Гвангжу Евергранде.
Ова на некој начин може да одговор на Динамо на најголемиот ривал, сплитски Хајдук, чиј тренер е уште еден Италијанец, Џенаро Гатузо.
Динамо е трет на табелата во првата ХНЛ со 29 бодови, зад Хајдук и Риека, кои по 18. кола имаат по 36 бодови. Во Лигата на шампионите на две кола пред крајот Динамо е на 24. место со осум бодови. Во преостанатите две кола загребскиот тим гостува во Лондон на Арсенал и дома го пречекува Милан.