Официјално: Карлос Саинц потпиша нов договор со Ферари

од Vladimir Zorba

Карлос Саинц и официјално го продолжи договорот со тимот на Ферари и ќе остане во Маранело најмалку до крајот на 2024 година.

Шпанецот им се приклучи на „Црните коњи“ на почетокот на 2021 година и ја забележа својата најсилна кампања во првата сезона во Ферари. Во неа, тој заврши на петтото место во поредокот за возачи и освои вкупно четири подиуми, вклучувајќи го и второто место на Големата награда на Монако. Тој исто така освои поени на 20 од 22 трки одржани минатата година, завршувајќи на 11-то место само во Португалија и Франција.

Неговата серија последователни завршници, која започна на Нирбургринг во 2020 година, беше прекината во Австралија пред две недели, кога тој беше елиминиран по пилотска грешка во втората обиколка. Пред тоа, Саинц заврши на второто и третото место на првите два старта од годината во Бахреин и Саудиска Арабија.

„Среќен сум што го обновив договорот со Ферари. Секогаш сум велел дека нема подобар тим во Формула 1 и по повеќе од една година со него можам само да потврдам дека моите очекувања беа надминати. За мене е голема чест да го облечам овој тркачки костум и да го претставувам овој тим, и едвај чекам да го продолжиме нашето патување заедно“.

„Мојата прва сезона во Маранело беше солидна и конструктивна, сите заедно напредувавме и резултатите се видливи од почетокот на оваа сезона. Се чувствувам самоуверен и мотивиран по ова повторно потпишување, што покажува колку Ферари ми верува. Кога му се приклучив на Ферари во 2021 година, нашата цел беше да се вратиме на победите и да се бориме за титулите за возачи и конструктори. Ф1-75 е брз болид кој ни овозможува да ги оствариме овие цели“, изјави Шпанецот по повод новиот договор.

Потпишувањето на новиот договор меѓу Ферари и Саинц доаѓа по неколкумесечни преговори, кои во последните денови дојдоа до одреден ќор-сокак. Причината за ова беше желбата на Скудерија да има договор во траење од 1 + 1 година, додека Саинц сакаше двегодишен договор.

На крајот двете страни постигнаа консензус и желбата на Шпанецот беше исполнета. Така, Ферари ги загарантира услугите на Саинц и Шарл Леклер до 2024 година, бидејќи договорот со пилотот од Монако, кој тој го потпиша во 2019 година, е до крајот на 2024 година.

Слични содржини