Жозе Мурињо склучи договор со Рома и од следната сезона ќе стане тренер на римскиот клуб.
Клубот објави дека е постигнат договор за следната сезона, така што Португалецот успеа да најде брзо тренерски ангажман, по отказот во Тотенхем.
Мурињо го потпиша договорот до јуни 2024 година, а финансиските детали засега не се познати.
До неодамна, Мурињо го водеше Тотенхем, но тој доби отказ непосредно пред финалето на Лига купот со Манчестер Сити.
Португалецот во последно време нема многу успех, откако замина од неколку клубови по добиен отказ.
Римскиот клуб има турбулентна сезона зад себе во која се пласираше во полуфиналето од Лигата на Европа, но претрпе тежок пораз од Манчестер јунајтед на првиот натпревар со резултат 6:2.
Во италијанскиот шампионат, на „волците“ не им цветаат рози. Тие се наоѓаат едвај на седмата позиција што води во Конференциската лига, а таа позиција е загрозена, бидејќи Сасуоло заостанува само два бода, па лесно може да останат без Европа следната сезона.