Официјално отворање на Амбасада на Јапонија

од Vladimir Zorba
144 прегледи

 

Државниот министер за надворешни работи на Јапонија, Казујуки Накане   пристигна  во Македонија со цел да присуствува на церемонијата за свечено отворање на Амбасадата на Јапонија во Скопје. Амбасадата на Јапонија во Македонија официјално започна со работа на 1 јануари 2017 година.

За време на настанот г. Накане, заедно со Нејзината Екселенција г-а Кеико Ханеда, Амбасадор на Јапонија во Република Македонија и колегите од амбасадата, ќе им посакаат добредојде на присутните изведувајќи ја церемонијата „кагами бираки -кршење на буре со саке и ќе наздрават за успешно продолжување на билатералните односни помеѓу двете земји. На приемот гостите ќе имаат можност да вкусат и други традиционални пијалаци од Јапонија, како што се вино од сливи –умешу и јапонско фино виски.

По свечената церемонија, Државниот министер г. Накане заедно со Н.Е. г. Арбен Таравари, Министер за здравство на Република Македонија, ќе ја посетат државната клиника за Гастроентерохепатологија каде ќе се одржи официјално предавање на најсовремен апарат за абдоминална дијагноза и ултразвук, донација од народот на Јапонија. По тој повод, двајцата министри ќе дадат и изјави за медиумите во 16:15 часот.

За време на дводневната посета, министерот Накане ќе оствари средба со својата колешка, г-а Арта Точи, заменик-министерката во Министерството за надворешни работи на Република Македонија. Тој воедно ќе има можност да се сретне и со Претседателот на Република Македонија   Ѓорѓе Иванов, Претседателот на Владата на Република Македонија  Зоран Заев и   г. Талат Џафери, Претседател на Собранието на Република Македонија.