По неколкумесечни шпекулации и разговори за влез на Порше во Формула 1 како партнер на Ред Бул, германската компанија денеска соопшти дека тоа нема да се случи.
„Во последните неколку месеци Порше и Ред Бул разговараа за можноста Порше да влезе во Формула 1 – се вели во официјалното соопштение на германската автомобилска компанија. – Двете компании дојдоа до генерален заклучок дека овие преговори нема да продолжат. Идејата отсекогаш била нашето евентуално партнерство да се заснова на еднакво учество, кое вклучува не само снабдување со погонски единици, туку и тимот. Ова се покажа како недостижно. Со оглед на новите правила за погонот, Формула 1 останува интересна можност за нас, која ќе продолжиме да ја следиме“.
Според различни извори, сопственикот на Ред Бул, Дитрих Матешиц бил архитект на неуспешниот сојуз, а интересно е што наишол на сериозен отпор од шефот на тимот Кристијан Хорнер и тимскиот советник д-р Хелмут Марко.
Долго време се веруваше дека зделката е речиси целосно завршена, но доктор Марко беше првиот што објасни дека ништо не е готово. Хорнер потоа почна да ги оспорува придобивките од овој сојуз, а главниот проблем за Марко и Хорнер се покажа дека е желбата на Порше да поседува половина од тимот и да биде вклучен во донесувањето на сите одлуки за управување со тимот.