Откако Мекларен не успеа да се врати во челото по 3 неуспешни години со Хонда, сега Ред Бул ќе се обиде да го стори тоа со јапонскиот снабдувач на мотори.

Од тимот потврдија дека ја прекинуваат соработката со Рено по крајот на сезоната и ќе се свртат кон компанијата од 2019-та година, која сега работи со Торо Росо.
Иако Дани Рикардо освои 2 победи од почетокот на сезоната во Формула 1, во Ред Бул очигледно не се задоволни од настапот и продолжуваат да сметаат дека заостанувањето до Ферари и Мерцесес е премногу големо.
„Тој долгогодишен договор со Хонда значи почеток за нова возбудлива фаза во напорите на Астон Мартин Ред Бул да се бори не само за победи во трките, но и за титули“, изјави Кристијан Хорнер.
„Секогаш сме земале слични решенија водејќи се само од еден критериум – да бидеме подобри. Импресионирани сме од посветеноста на Хонда и брзиот нивен напредок во работата со Торо Росо и со нетрпение очекуваме да работиме со нив, бидејќи тие ги делат нашите амбиции“, додаде шефот.
За време на 12-годишната соработка со Рено, „биковите“ освоија 4 титули кај пилотите благодарение на Себастијан Фетел и уште толку кај конструкторите, кога доминираа во периодот 2010-2013.