Официјално: Рома потпиша со Дибала

од Vladimir Zorba
198 прегледи

Рома и официјално го објави трансферот на напаѓачот Пауло Дибала, кој пристигнува како слободен играч на тригодишен договор. Неговата проценета годишна плата е во износ од 4,5 милиони евра, на кои има дополнителни 1,5 милиони во вид на бонуси. Тој ќе го носи дресот со број 21.

„Деновите пред потпишувањето на овој договор беа исполнети со толку многу емоции. Брзината и одлучноста со кои Рома покажа колку ме сака, ја направи сета разлика. Се приклучувам на тим кој е во подем, како и на клуб кој продолжува да поставува силни темели за иднината, а исто така и тренер, Жозе Мурињо, со кој ќе биде привилегија да се работи. Како противник отсекогаш сум се восхитувал на атмосферата што ја создаваат навивачите на Рома. Сега едвај чекам прилика да им честитам со овој дрес“, изјави Дибала за клупската веб-страница.

„Одлуката на Пауло да се приклучи на нашиот проект е доказ за кредибилитетот на клубот и знак за напорната работа што сите ја вложуваме за да ја однесеме Рома напред. Пауло е светски познат играч кој освоил големи трофеи и добил глобално одобрување. Тој ќе ја донесе потребната класа во Рома и убеден сум дека со него во составот ќе бидеме уште посилни и поконкурентни“, додаде директорот Тиаго Пинто.

Дибала е четвртото ново засилување на „волците“ оваа сезона по средниот бек Немања Матиќ, голманот Миле Швилар и дефанзивецот Мехмет Зеки Челик. Римскиот клуб за него се избори со конкуренцијата од Интер и Наполи, иако своевремено се сметаше за сигурен неговиот трансфер во редовите на „нероазурите“. Важна улога во привлекувањето на „Ла Хоја“ имаше менторот Жозе Мурињо, кој го убеди да пристигне на „Олимпико“, иако тимот наместо во Лигата на шампионите, претстојната сезона ќе учествува во Лигата на Европа.

За аргентинскиот интернационалец ова ќе биде трет тим во Италија. Помеѓу 2012 и 2015 година, тој ги бранеше боите на Палермо, играјќи 93 натпревари со 21 гол и 16 асистенции за тимот. Неговиот настап за Сицилијанците го привлече вниманието на Јувентус кој го купи за сума од 41 милион евра. За седум години во торинскиот клуб, Дибала забележа 293 натпревари со 115 гола и 48 асистенции. Со тимот на „бјанконерите“ освои 12 трофеи: 5 титули во Серија А, 4 Купови на Италија и 3 Суперкупа на Италија.

За својата татковина 28-годишниот играч има 34 натпревари со 3 гола и 6 асистенции, како и еден трофеј – „Финалисима“ од ова лето.

Слични содржини