Во Украина се зголемува негодувањето поради офшор бизнисот на претседателот и неговите следбеници. Истражувањата кои ги спроведе Дојче Веле на виделина изнесоа детали за офшор компаниите на Петро Порошенко.poross

Фабриката за скроб може најмалку да се смета за дел од портфолиото на еден источноевропски олигарх. Но, во случајот со чоколадната империја на Петро Порошенко е навистина така, што за неговите колачи му е треба таа суровина. Таа е толку важна што не ја купува, туку ја произведува во сопствени фабрики. Покрај двете фабрики во Украина, во рамки на компанијата на Порошенко е и уште една во источна Германија, како што дозна Дојче Веле.

Веќе во 2011 година кога е купена фабриката во Германија, постоеле шпекулации за Порошенко како можен купец. По објавувањето на „Панамските документи‟ стана јасно колку се комплексни сопственичките мрежи во случајот на Порошенко. Тој политичар својот познат концерн „Рошен‟ го организирал преку офшор компании. Критичарите велат дека меѓу другото тоа го направил и да заштеди на даноците. Порошенко тоа го отфрла. Според неговите наводи, неговите офшор компании имаат цел со неговите фирми за колачи да управува една реномирана меѓународна адвокатска канцеларија за време на неговиот претседателски мандат.

Меѓутоа, истражувањата на Дојче Веле, покажаа дека користењето на офшор компаниите во даночните оази не е исклучок, кога е во прашање деловната пракса на Порошенко. За тоа добар пример е неговата фабрика за скроб во источна Германија, иако таа фабрика со околу шест милиони евра годишен промет и околу 100 вработени, претставува само мал дел од деловната империја на украинскиот претседател.

Важно е да се остане анонимен

Таа фабрика во Германија припаѓа на фирмата Interstarch GmbH (Interstarch d.o.o.), а со таа фирма, како што дозна Дојче Веле управува фирмата Interstarch Ukrajina на Порошенко.

Формално таа германска д.о.о., како што покажуваат документи од трговските регистри, се наоѓа во сопственост на една група од Кипар, чиј вистински сопственик повторно е една фирма на британските Девствени острови. Таа испреплетеност ги прикрива сопственичките односи и може да се користи во даночна корист. На прашањето на Дојче Веле за неговиот однос кон тие офшор компании, кабинетот на претседателот не даде одговор. Неговите деловни советници ни рекоа дека таа мрежа на фирмите не е во сопственост на Порошенко и истакнаа дека за тоа е овластен Сергеј Зајцев, кој како што велат е „независен претприемач‟ и деловен партнер на Порошенко.

Но, документите во регистарот на фирмите на Кипар и Холандија прикажуваат друга слика. Зајцев не е само заменик генерален директор на фабриката Рошен на Порошенко, туку е и директор на офшор компаниите преку кои треба на привремено управување да се стави компанијата Рошен. „Панамските документи‟ украинскиот претседател го открија како стопански овластено лице за таа мрежа на фирми која води се до британските Девствени острови. Таму е регистрирана и фирмата Euro Business Investments LTD, која преку меѓуфирми на Кипар, ја контролира германската фирма Interstarch GmbH.

Сами на себе позајмуваат пари и штедат на даноците

Британските Девствени острови, според наводите на Tax Justice Network, се една од најважните даночни оази на светот. Тука не се соработува со странски даночни управи, нема регистри на фирми во кои би можело да се има јавен увид.

Дали на тој начин фирмите на Порошенко се организирани како офшор компании?

Законски гледано украинскиот претседател е обврзан јавно да ја изнесе имотната карта. Порошенко наведе дека немал никакви приходи од странство откако е на претседателската функција. Но, тоа не можел ни да го има ако неговиот постар пријател Зајцев навистина преку фирмите на Кипар е сопственик на фабриките во Германија.

Меѓутоа, остануваат нејасни сопственичките односи на крајот на ланецот на фирмите на британските Девствени острови. За тоа советниците на Порошенко од адвокатскиот кабинет специјализиран за економија ICU не се изјаснија. Само рекоа дека постои управен договор меѓу фирмата на Порошенко Interstarch Ukraina и германската Interstarch GmbH.

Покрај целосната анонимност, конструкцијата на офшор фирмите пружа уште една предност: даноците можат да се намалат. Парите за германската фирма, 35 милиони евра, Interstarch GmbH ги добила како кредит од својата кипарска мајка компанија Camarin Limited. Значи, украинскиот инвеститор сам на себе си позајмил пари. И тоа изгледа со голема каматна стапка, како што може да се види од годишниот биланс. Бидејќи од 2011 година, годишно околу два милиони евра камата собрала таа кипарска фирма.

Таквите камати според германско-кипарскиот договор за даночење, не се даночат. Вообичаениот модел на заштеда на данокот, во разговор за Дојче Веле го објаснува финансискиот експерт Ханс-Лотар Мертен. Во својата книга „Даночни оази‟, која стана бестселер, тој опишува многу такви даночни дупки. И германските концерни ги користат тие можности, вели тој публицист и економист: „Тоа е сосема легално. Но, тоа што се прави на тој начин е често илегално‟. Мертен упатува на тоа дека таквите конструкции често се користат и за перење на пари.

Течат понатамошни милиони

Година по година Interstarch собира нови долгови во кипарската компанија мајка. Кон крајот на 2014 година долговите изнесувале 44 милиони евра. А сепак, управата на погонот во Interstarch во јули 2015 најави понатамошни инвестиции на сопственикот во висина од 25 милиони евра.

Таа фирма во својот годишен извештај се жали на ниските цени за набавка за скроб и високите цени на пченицата. Тоа во 2014 година довело до речиси шест милиони евра загуба. Сепак, планирано е во идните пет години да се прошират производните погони. Украинскиот инвеститор сам себе очигледно и понатаму позајмува пари во Германија. На тој начин, се повеќе пари од каматите завршуваат на банкарските сметки на офшор компаниите. А германската даночна управа од тоа нема ништо, бидејќи без добивка, нема ни данок на приход кој треба да се плати на државата.

Слични содржини