Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити денеска пред медиумите бил запрашан за можноста опозициската коалиција „Европски фронт“ да организира протести и дали не очекува „жешко политичко лето“.
Неговиот одговор бил краток – „уморни се“.
Меџити го прокоментирал и враќањето на железната ограда околу владината зграда. Според него, тоа било неопходно, бидејќи без неа полициските службеници биле оптоварени со дополнителна работа.
„Тоа е техничко прашање, односно не вреди да се зборува толку за тоа. Оградата е таму, наместо полициските сили постојано да ја чуваат кога би имало протести“, истакнал меѓу другото Меџити.
За потсетување, вчера беше вратена старата ограда пред зградата на Владата. Таа била бојадисана и освежена и по 7 години се враќа на старото место.
Оградата беше поставена во 2015 кога објектот доби барокна фасада, а чинеше околу 700.000 евра. Кога СДСМ со екс-премиерот Зоран Заев како премиер дојде на власт во 2017, оградата беше отстранета за да биде објектот отворен за граѓаните. Тоа беше едно од предизборните ветувања на тогашниот претседател на Владата.
Оградата беше тргната во февруари 2019 и тогаш се острани само нејзиниот метален дел, а бетонските столбови останаа, бидејќи, како што кажаа тогаш од Владата, нивното отстранување било скапо. Тогаш беше речено дека од оградата ќе се направат клупи и настрешници, но сепак не дојде до такво нешто.