Министерот за економија Крешник Бектеши по вчерашната обиколка на маркитите изјави дека ќе има покачување на цената на прехранбените производи и на нафтените деривати, но рече дека Министерството за економија не ги одредува цените и дека не знае какви цени ќе имаме. Со цел зголемувањето на цените да не биде на штета на граѓаните, министерот вети пакет со олеснителни мерки.
-Што се донесува до брашното, во текот на вчерашниот ден имавме средба со Министерот за финансии и во вторник или среда ќе ги известиме граѓаните за додатните мерки. Што се однесува до прехранбените производи и олеснителните мерки кои ќе ги усвои Владата, како што направивме со зголемувањето на пензиите, минималната плата и зголемување на просечната плата, истакна Крешник Бектеши.
Денеска се очекува Регулаторна комисија да ги соопшти цените на нафтените деривати. Бектеши вети дека нашата земја ќе има најниски цени на деривати во регионот.
– Сите резерви и државни и оперативни се полни. Испораките се прават редовно. Нема простор за грижа и паника, граѓаните да не паѓаат на шпекулации, потенцира Бектеши.
Тој во однос на шекулациите дека во маркетите се празнат рафтови, а трговците со нафта и нафтени деривати чуваат резерви со цел да ги продадат по повисоки цени, рече дека инспекциите постојано вршат контроли и оти нема простор за паника.