Огромен застој на товарните вагони во регионот, металската индустрија во ново одлагање на производството

од Vladimir Zorba
246 прегледи

Исплатата на платата за вработените во Железница, само делумно ги релаксира производните процеси на компаниите за кои функционирањето на ова претпријатие е суштествено.

Од комбинатот „Макстил“ за „Локално“ потврдуваат дека иако сообраќајот од четвртокот наутро е редовен, нивните вагони полни со суровини и готов производ сеуште чекаат на ред на железничките станици.

-Во моментов 12 композиции со вагони се натоварени со старо железо, но сеуште се во Бугарија и Србија, додека за извоз имаме 11 композиции кои треба да се испорачаат до солунското пристаниште. Во сите договори постојат пенали за доцнење и истите во моментов не може да се пресметаат. Од четвртокот наутро сообраќајот е редовен, меѓутоа застојот по станиците во регионот е огромен и немаме информација кога возовите со нашите производи и суровини  ќе бидат на ред за сообраќај. Дневната потрошувачка на струја и гас со денешни цени на пазарот изнесува околу 150.000 евра. Секое одлагање на производството изискува енергенсите да се платат иако не сме имале можност да произведуваме, вели за „Локално“ првиот човек на Макстил, Петар Јанески.

Петар Јанески

Петар Јанески

Од почетокот на штрајкот на вработените во Железница, металската индустрија во неколку наврати алармираше дека производниот процес е зависен од овој вид сообраќај и дека со секој прекин на работата на железницата, книжат огромни дневни загуби. Ако се земе предвид општата состојба во земјата и стопанството, сето ова велат од оваа индустрија, неминовно влијае на секојдневни предизвици и проблеми со кои се соочува бизнисот.

-Честите прекини во синџирите на снабдување и трошоците за енергенсите не приморуваат често да ги менуваме деловните планови согласно новонастанатите состојби. Тука би напоменал дека доцниме во однос на ЕУ и регионот со либерализацијата на жалезничкиот транспорт и поради тоа тешка е предвидливоста во однос на долгорочните планови што ги имаме.Во текот на еден месец примаме околу 5000 тони старо железо со камиони, додека со вагони околу 20.000 тони односно околу 300 камиони и 450 вагони само за потребите на челичаринцата. Не е возможно да се снабдуваме само со камионски транспорт. Практично без железница, Макстил не може да обезбеди конитнуитет да работи 12 месеци во годината. Во однос за испораката на лимовите ситуацијата е слична, со напомена дека одредени димензии на лимови кои се поголеми од габаритот на камионите можат да се транспортираат единствено со вагони. Во месеци со нормална економска активност за извоз надвор од државата се превезуваат околу 15 000 тони, објаснува Јанески.

По одредени тврдења во јавноста дека во иднина би можело да дојде до прекин во снабдувањето со челик во ЕУ, со оглед на тоа дека голем дел од количините доаѓаат од Русија, се очекува понудата да биде помала од побарувачката но во производен сегмент на Макстил вели Јанески, не се очекува намалување на понудата бидејќи има супституција од Азија.

За оваа година според него, комбинатот планира инвестициска програма од речиси 15 милиони евра што ги опфаќа најсуштинските и најважните елементи од работата, унапредување на производните процеси за зголемување на продуктивноста и капацитетите, обезбедување максимална безбедност и заштита на вработените, енергетска ефикасност како долгорочна стратегија, но и зголемен квалитет на производите и поголема конкурентност на пазарот.

К.В.С.

Слични содржини