„Охрид SOS“ поднесе иницијатива до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Министерството за здравство за воспоставување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар. Оттаму велат дека ова не е апстрактно правно прашање, потсетувајќи дека пред само неколку недели, во Струга, се виде што значи кога тие зони не постојат и зошто тие мора да постојат.
-Билјанини извори не се само симбол на Охрид. Тие се воден ресурс во чувствителен регион, жариште на биолошка разновидност, во простор кој граничи со заштитени подрачја како Студенчишко Блато и Охридско Езеро, а кој наместо да се штити, масовно и насилнички се урбанизира. Без јасно утврдени заштитни зони, ризикот по питката вода за Охрид не е хипотетички – туку реален и растечки.
Законот е јасен: ваквите зони мора да постојат. Прашањето е зошто сè уште, со децении не се воспоставени. Со оваа иницијатива бараме итен ангажман на интитуциите, а не откако ќе има последици по здравјето на луѓето и животната средина. Заштитата на водата не смее да биде реакција – таа е должност, порачуваат од граѓанската иницијатива.