„Охрид SOS“ предупредува за градежни активности на оспоруваниот хотел во Лагадин

од Vladimir Zorba
167 прегледи

Еколошката граѓанска иницијатива „Охрид SOS“ денеска соопшти за наводни градежни активности на оспоруваниот хотел во туристичката населба Лагадин.

Според објавата на нивниот официјален фејсбук-профил, се гледаат лица на објектот, за кои од иницијативата посочуваат дека работат на хотелот што од УНЕСКО е посочен како дивоградба предвидена за уривање.

Од „Охрид SOS“ појаснуваат дека во извештајот за состојбата на природното и културно наследство на Охридскиот Регион доставен пред еден месец до УНЕСКО од Министерството за култура како одговор на препораката на Реактивната мониторинг мисија на ОН од 2020 година е спомнато дека Националниот парк „Галичица“ изготвил инвентар на нелегално изградени објекти со листа приоритетни градби за отстранување иако, според „Охрид SOS“, такво нешто во јавноста не било споделено.

Меѓу другото во препораките на Реактивната мониторинг мисија, како петта точка се бара забрзување на административните постапки за да се постигне уривање на посочениот недовршен хотел во Лагадин.

Токму поради тоа тие преку објавата ја информираат министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, дека она што e напишано во извештајот не соодветствува со реалната состојба на терен.

Дополнително од „Охрид SOS“ се посочува дека нема ажурирана карта со урнати дивоградби, а онаму каде е забележана извесна активност, истите објекти после извесно време се доградени и повторно функционираат.

-Нема листа на приоритети за уривање и за општините Струга и Дебрца, јавноста не ни знае колку вкупно објекти во тие општини се нелегални градби. До кога ќе се лаже и прикрива дека постои некаква кооперативност од македонска страна? Зошто не започна исполнување на листата барања која ви ја доставивме кон крајот на минатата година, а која од нас ја побаравте?…, се посочува меѓу другото во денешниот статус објавен од „Охрид SOS“.

Слични содржини