Денес со упис на статусната промена – присоединување и официјално заврши процесот на присоединување на Охридска банка АД Скопје кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје. Со ова интегрираната Шпаркасе Банка Македонија АД – Скопје, припаѓа во групата на големи банки заземајќи ја 4-та позиција на банкарскиот пазар, соопштија од банката.
Според нив, интеграцијата на Шпаркасе и Охридска банка, по својата комплексност, е единствена во нашата банкарска историја.
-Отсега го продолжуваме патот како поголема и подинамична банка која во својот фокус ги има интересите на нејзините клиенти. Проектот на интегрирањето почна во ноември 2019 година и е завршен изминатиот викенд, а со него, како што изјави денеска претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе банка – Македонија Глигор Бишев се отвора нова страница во развојот на самата банка, но и во консолидација на банкарскиот сектор во земјава.
Со вкупна актива од 1,15 милијарди евра Шпаркасе Банка Македонија се позиционираше во рангот на големите банки на пазарот како број два во корпоративниот сегмент и број три во сегментот население, нудејќи им на своите клиенти атрактивни и производи и услуги, како и експертиза која доаѓа од Ерсте и Шпаркасе Групацијата.
За стратешката визија на мнозинскиот акционер Штаермеркише Шпаркасе, на настанот на официјалното прогласување на интеграцијата говореше, претседателот на Надзорниот одбор, Георг Бухер, кој изрази благодарност до локалните власти за дадената поддршка изминатиот период за реализацијата на интеграцијата, која, како што рече е прво вакво поголемо спојување во земјава.
Нагласи дека нивната генерална стратегија е долгорочност, а Шпаркасе во регионот на Западен Балкан функционира со цел да обезбеди раст и одржливост. Бухер напомена дека Шпаркасе во регионот има два милиона клиенти и имот од 16 милијарди евра, како и околу шест илјади вработени.