Основното јавно обвинителство Куманово отвори постапка поради националистички скандирања што вчера се слушале од трибините за време на кошаркарскиот натпревар Македонија – Романија, одигран во спортската сала во Куманово. Настанот го засенчија навредливите повици кои, според Обвинителството, содржеле елементи на говор на омраза.
Од Обвинителството велат дека издале повеќе наредби до СВР Куманово, меѓу кои и наредба за обезбедување на снимки од видео надзор за да ги идентификуваaт сторителите.
„Основното јавно обвинителство Куманово постапува и до СВР Куманово издаде повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеа говор на омраза од засега непознати лица на вчерашниот кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Издадена е наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители“, соопштија од Обвинителството.
Осуда за нерпимерното скандирање на поединци на кошаркарскиот натпревар денеска изразија политичките партии од власта и од опозицијата, од Општина Куманово и од раководството на Македонската кошаркарска федерација.
Инцидентот се случил во присуство на владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, кој го следел натпреварот заедно со кумановскиот градоначалник и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски. На трибините биле и министерот за јавна администрација Горан Минчев, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ и други високи државни претставници.