ОЈО ГОКК отвори предмет за купувањето на ТЦ „Соравија“

од Nikola Popovski
475 прегледи

Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција оформило предмет за купувањето на ТЦ „Соравија“, каде меѓу новите сопственици е и внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети и неговата фирма „Тор индустрис“. Предметот е веќе распределен кај јавен обвинител за истрага по допрен глас.

-Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по информациите кои постојано се објавуваат во медиумите, минатата недела отвори предмет по допрен глас за купопродажбата на ТЦ „Соравија“. Предметот е доделен на јавен обвинител кој ќе постапи и ќе ги достави соодветните поднесоци до институциите надлежни за истрага на финансиските текови (Управа за финансиска полиција, Единица за финансиски истраги при Министерството за внатрешни работи, Управа за јавни приходи итн.), соопштија од Обвинителството.

Ова следува откако вчера Дрин Ахмети испрати писма до Јавното обвинителство, ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, Управата за јавни приходи и Финансиската полиција, во кои бара да спроведат детална и темелна истрага за неговото купување на ТЦ „Соравија“.

Пред неколку дена, внукот на Али Ахмети информира дека „Соравија“ има долг од 20 милиони евра и дека во проектот влегува со неговите партнери, Владимир Пјетерѓокај, сопственик на „PE-VLA-KU SH.P.K“.

-Не се мои пари, туку земав кредитна линија од страна на тиранската банка Кредис каде што свој удел има албанскиот партнер Пјетерѓокај. Ова е добар проект и затоа одлучивме да им дадеме 6 милиони евра. Со тие пари не може да се врати долгот од 20 милиони, но ние го земавме на себе, кажа тогаш Дрин Ахмети, нагласувајќи дека не даваат пари од свој џеб туку со кредитна линија.

Инвестициската компанија со седиште во Австрија „Хано Соравиа џи-ем-би-ејч“ (Hanno Soravia GMBH) неодамна преку писмено соопштение објави дека продава 90 отсто од акциите во двете нејзини клучни фирми во С Македонија – „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ, кои стојат зад Бизнис-центарот „Соравиа“ во строгиот центар на Скопје.

Договорот за купопродажба на акциите, како што се наведува во соопштението испратено преку електронска пошта од Виена, Австрија е со албанската компанија „Пе-вла-ку“ и македонската „Тор индустрис“, со тоа што, како што наведуваат од „Хано Соравиа“, задржуваат 10 отсто од акциите.

Слични содржини