ОЈО ГОКК тврди дека нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите

Во однос на претходните наводи за следење на премиерот, по насоки на обвинителот Коцевски, ОЈО ГОКК оформи предмет во кој се преземаат дејствија на проверки

од Nikola Popovski
38 прегледи

Јавното обвинителство нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите, информираат денеска од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со последните информации од АНБ за следење на политичари и новинари.

Оттаму тврдат дека Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд, кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките.

-Согласно законот за следење на комуникациите, наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон. Во однос на претходните наводи за следење на премиерот, по насоки на Јавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски ОЈО ГОКК оформи предмет во кој се преземаат дејствија на проверки. Воедно, и наводите во последните известувања од АНБ детално ќе бидат испитани, стои во соопштението на Обвинителството.

-Скандалот со нелегалното прислушување што го правела АНБ изминативе години не е удар врз мене и новинарите, туку удар врз темелите на државата, демократијата и слободата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Шефот на Владата побара правна разрешница.

Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, пак, тврди дека Мицкоски не бил следен. Тој го повика актуелниот директорот на Агенцијата, Христовски веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводните злоупотреби, особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата од 2019 до 2022 година.

„Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања! Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот класифицирани информации со степен на државна тајна“, соопшти Димовски преку објава на социјалните мрежи.