Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со увидни екипи од МВР, во текот на ноќта извршиле увид на булеварот „Никола Карев“ каде со пукање од огнено оружје било усмртено едно лице, а уште две се повредени.
Од ОЈО информираат дека јавниот обвинител издал наредби за вештачење на трагите прибирани од лице место, а се преземаат и други дејствија.
-Министерството за внатрешни работи постапува за откривање на сторителите, соопштија од ОЈО.
Едно лице починало, а две се ранети по синоќешното пукање на Пластичарска, информираат од МВР.
Според информациите, пукањето на бул. „Никола Карев“ во Скопје било пријавено синоќа околу 23.40 часот.
„Во 23.45 часот, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје бил донесен Т.А.(24) од Скопје. Во 23.51 часот, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени О.Б.(19) и А.И.(29), двајцата од Скопје, каде што по укажаната помош, во 00.45 часот на 27.05.2024, А.И. починал“, велат од МВР.