Основното јавно обвинителство денес ја отфрли кривичната пријава поднесена од страна на пет телевизии против едно правно лице за сторено кривично дело „Повреда на авторско право и сродни права“, како и „Пиратерија на аудиовизуелно дело“, дел од Кривичниот законик. Од ОЈО велат, дека сепак, пријавените дела не се кривични за кои се гони по службена должност.
„Според наводите во пријавата поднесена на 15.02.2019 година, пријавениот како овластено лице – главен извршен директор на правното лице, на 02.12.2018 година неовластено овозможил за неговите корисници реемитирање на програмски сервис од Република Хрватска, на кој се емитувал бокс меч за кој ексклузивни права имала откупено една од националните телевизии во земјава. Со ова, според пријавата, на телевизијата и била нанесена штета од 2.500.000 денари“, пишува во соопштението од ОЈО.
По пријавата е постапено, такашто јавниот обвинител доставил наредба до МВР-СВР Скопје за прибирање на целокупната документација за лиценцирање на наведената телевизиска програма и потпишаните договори за соработка на вклучените оператори врз основа на кои се обезбедени права за реемитување на програмски сервиси.
„Наведениот бокс меч премиерно се емитувал на хрватскиот програмски сервис во 6:00 часот наутро, но бидејќи пријавените имале сознанија за одржувањето на спортскиот настан и за ексклузивните права стекнати на македонската телевизија, извршиле затемнување на програмите од хрватскиот сервис во периодот од 3:00 до 10:00 часот, со што било оневозможено премиерно реемитување на мечот во целост. Но, бидејќи немале никаква информација дека хрватскиот програмски сервис има намера да го репризира мечот, во преостанатиот дел од денот програмата на хрватската телевизија била реемитувана во целост, без затемнување, па на тој начин се реемитувало и репризното издание на бокс мечот“, посочија од ОЈО.
Инаку, понудувачот на оваа услуга за реемитување на хрватската телевизија, признал дека не испратил предупредување, за што е подготвен да ја преземе целата одговорност доколку се побара од него надомест на штета од македонската телевизија, која пак, во тој момент ги имала ексклузивните права на содржината.
„По извршената анализа на сите прибрани докази, произлезе дека во дејствата на пријавените не се содржани елементи на кривичните дела кои им се ставаат на товар, ниту на други кривични дела кои се гонат по службена должност. Наведените кривични дела се вршат со умисла, која недостасува во дејствијата на пријавеното физичко лице. Реемитувањето на наведената програмска содржина не се случило поради прекршување на правилата од страна на пријавените, туку поради несоодветно постапување на хрватскиот програмски сервис, кој имал обврска да го извести дистрибутерот за затемнување на програмата затоа што не ги поседувал правата за емитување на бокс мечот за територијата на државава“, се вели во објаснувањето.
Инаку, ова решение е доставено до оштетените, кои согласно Законот за кривична постапка, имаат право на жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена по приемот.