ОЈО ќе чека МВР и Финансиска полиција да постапат по сомнежите за злоупотреби во „Комуналец“

Од Обвинителството велат дека до нив досега не е доставена ниту пријава, ниту известување

од Nikola Popovski
27 прегледи

Јавното обвинителство ќе чека МВР и Финансиската полиција да постапат по сомнежите за финансиски злоупотреби во скопски Комуналец, а ако тоа не го сторат, тогаш може да постапат по допрен глас.

Овој став доаѓа откако скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски рече дека 371 лице земале плата без да одат на работа, а по десет илјади евра се плаќале на физички лица за интелектуални услуги.

Од Обвинителството велат дека до нив до сега не е доставена ниту пријава, ниту известување.

Во моментов, истрага се води само за екс-директорот на „Комунална хигиена“ и за уште едно лице, кои се во притвор. Тие се осомничени за загрозување на животната средина поради несобраниот смет во Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје вчера изјави дека до него пристигнала нова информација поткрепена со документи, која укажува на можни незаконитости во работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.

-Дополнително има една информација која што стигна денеска до мене, поткрепена секако со документи, а повикувам вечерва да надлежните институции постапуваат, а тоа е дека биле ангажирани возила изминатиов период за чистење во Комунална хигиена и истите возила се плаќани на име на физички лица кои што земале интелектуални услуги во износ од пет до десет илјади евра, изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека очекува надлежните институции да се вклучат и детално да го испитаат случајот.

-Повикувам да се вклучат институциите одговорни и надлежни за ова и да ја испитаат работата. Јас најавив дека ќе има одговорност и ревизии и од вечерва практично ве информирам и вас дека имаме сериозни индиции за прекршување на законите, особено во Комунална хигиена, нагласи градоначалникот.