Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски тврди дека од доказите, усмртувањето на младата Фросина на булеварот „Партизански одреди“, за Обвинителството неспорно е дека станува збор за кривично дело сторено со умисла и токму затоа ОЈО против осомничениот Васил Јованов води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот. На прес-конференција ја уверуваше јавноста и семејството на Фросина дека постапката ќе биде ефикасна и дека Обвинителството ќе инсистира на најстрога казна.
За мобилниот телефон кој беше најден кај Јованов во притворот во затворот „Шутка“, Обвинителството посочи дека се преземаат дејствија. Обвинителот Ислам Абази истакна дека се следи настанот. Најави дека во секој случај очекуваат да го идентификуваат лицето кое му го телефонот на осомничениот возач.
За судијката Алексовска Стојановска, Koцевски информира дека засега нема отворен предмет и нема докази за некакви сомневања за сторено кривично дело. Доколку има, ОЈО стои на располагање.
Фросина загина на 29 јануари пред полноќ на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје кога беше прегазена од Јованов кој го управувал автомобилот без возачка дозвола, во алкохолизрана состојба и со голема брзина минал на црвено. Протестите на кои се бара правда за жртвите во сообраќајните несреќи и институционална одговорност и најостра казна за несовесните возачи, ги испровоцира институциите на поголема транспарентност како се постапува во рамки на судскиот систем, но и колку законите доследно се применуваат.