Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица на возраст од 32 и 21 година, кои се товарат за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија, предвидено во член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети.
На социјалната мрежа „Телеграм“ оваа група веќе е згасната. Обвинителството во овој предмет поведе постапка за ова кривично дело, бидејќи во текот на предистрагата беа обезбедени материјални докази кои упатуваат токму на оваа правна квалификација.
Додека пак, предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка. Основното јавно обвинителство Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27.01.2021 година се обрати до Меѓународниот сервис провајдер за услуги – Телеграм, за да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. До овој момент од социјалната мрежа „Телеграм“ не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група.
Од тие причини, Јавното обвинителство ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош, па согласно позитивните домашни и меѓународни прописи, податоците ги побара од Обединетото Кралство. До овој момент не е пристигнат одговор на ова барање.