
Околу една милијарда луѓе во светот страдаат од мигрена. Излегува дека 136 милиони се во Европа. Ова претставува 15% од населението на Стариот континент. Друг интересен заклучок што може да се извлече од изнесените податоци е дека жените се 2-3 пати повеќе погодени од мажите, објави „Ла Република“.
Информациите дадени по повод 13-тиот Конгрес на European Headache Federation го покажуваат сериозното влијание што овој здравствен статус го има врз економскиот и социјалниот фактор на планетата.
На конгресот во Атина, експертите се собраа да дискутираат за хроничната главоболка, позната и како мигрена. Бројките за финансиската загуба поради зголемениот број на луѓе кои страдаат од мигрена се различни. Некои велат дека изнесуваат 18,5 милијарди евра, според други 27 милијарди, а главни причини се отсуство од работа, недоволна продуктивност и ефикасност на работното место и други.
Ако имате дури и минимални сомнежи дека страдате од мигрена, задолжително одете на лекар. Проблемите понекогаш можат да траат до 72 часа, а во други наврати дури и повеќе, откако болката е непрестајна, мачна. Присуствуваат и други симптоми како чувствителност на светлина и звуци, гадење.
„Нема податоци за ефектот на одредени видови храна и пијалоци, како чоколадо, вино или сирење, врз развојот на мигрената“, вели Месуд Ашина, невролог и вонреден професор по неврологија на Универзитетот во Копенхаген.
„Но, имаме докази за други фактори, кои го предодредуваат страдањето од мигрена. На пример нарушен баланс во хормоналните нивоа, несоница, ноќни смени, нарушен режим на исхрана, дури и климата“, додаде Ашина.