Повеќе од 46 илјади албански граѓани минатата година ја напуштиле земјата и емигрирале, главно во некоја западноевропска земја, објавија од Институтот за статистика од каде тврдат дека ова е приближна бројка на емигрирани албански граѓани во годините по 2000-та, од кога просечно Албанија ја напуштаат по околу 50 илјади нејзини граѓани годишно.
Тоа условило бројот на населението постојано да се намалува. Тој пад сепак е помал по 2011 година кога во европските земји каде што има многу албански емигранти, Грција и Италија, поради економската криза дел од Албанците одлучиле да се вратат дома.
Според Институтот на 1 јануари Албанија имала два милиона и 893 илјади жители, што е помала бројка за 2.900 жители споредено со претходната година. Тоа, како што тврди оваа институција, поради фактот што во текот на минатата година во земјата се вратиле над 28 илјади емигранти.
Во текот на минатата година разликата меѓу морталитетот и наталитетот е за над 15 илјади новороденчиња повеќе. Тирана останува со најбројна популација со околу 801 илјади жители, потоа е градот Фиер со 315 илјади и Елбасан со 301 илјади жители. Далеку поненаселеени се јужнот град Ѓирокастро со 72.202 жители ,северниот Кукс 85.461 и Пешкопеа со 136.476 жители./МИА
