Околу 55 проценти од извозот на стока од Индија во Соединетите Американски Држави ќе биде предмет на царини наметнати од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти индиската влада во понеделник.
Минатата недела, Трамп воведе дополнителни царини од 25 проценти на индиската стока како казна за купување руска нафта, со што извозот на Индија во Соединетите Американски Држави достигна царини од 50 проценти, меѓу највисоките за кој било трговски партнер на САД, објави Ројтерс.
Индиската влада веќе ја зеде предвид почетната царина од 25 проценти што ја воведе претходно Трамп во својата проценка објавена во понеделникот, изјави Панкаџ Чаудари, заменик-министер за финансии на Индија, во писмен одговор на прашање од пратеник во парламентот.
„Министерството за трговија работи со сите засегнати страни, вклучувајќи ги извозниците и индустријата, за да собере повратни информации за проценката на ситуацијата“, додаде Чаудари.
Според проценките на индиската влада, трговијата со стоки меѓу САД и Индија, најголемата и петта најголема економија во светот, вредела околу 87 милијарди долари во последната фискална година.