
Околу половина од смртните случаи во Европа од „КОВИД-19“ се пријавени во старечки домови, но многумина не се вклучени во официјалните податоци или воопшто не се пријавени дека се поврзани со тековната пандемија, велат експертите.
Експерти од Long Term Care Policy Network (LTCPN) во Лондонската Економска школа (LSE) проценуваат дека уделот на корисници на домовите, поврзани со смрт од коронавирус во пет европски земји се движи од 42 проценти во Белгија до 57 проценти во Шпанија .
Покрај двете земји, LTCPN ги истражуваше официјалните податоци и извештаите од медиумите во Италија, Франција и Ирска.
Нивниот заклучок е дека многу малку земји систематски го тестираат персоналот во старечките домови и штитениците, со што е тешко да се процени бројот на заразени и починати и дека единствениот начин да се спореди стапката на смртност за време на пандемија е со стапката на смртност во текот на истиот период претходните години.
Тие исто така посочуваат дека податоците за земјата се „неспоредливи“ заради недостаток на информации и затоа што секоја земја има различна методологија.
„Имаме само три епидемиолошки студии од почетокот на март и сите три се од САД. Време е да споделиме повеќе информации за да можеме да имаме подобар увид и насоки за тоа како да се продолжи“, напиша на Твитер Аделина Кома Ерера, коавтор на извештајот на тимот од LSE.