ОКТА доделува стипендии за постдипломски студии на УКИМ и во странство

од Даниел Ѓорѓиевски
14 прегледи

ОКТА АД – Скопје продолжува да инвестира во иднината на младите талентирани студенти со новата иницијатива за доделување стипендии за постдипломски студии за академската 2025/2026 година.

Во рамките на групацијата HELLENiQ ENERGY, ОКТА ќе додели две стипендии за редовни постдипломски студии, со максимално времетраење од две години. Првата стипендија нуди можност за студирање на универзитети во некоја од следните земји: Грција, Германија, Италија, Белгија, Швајцарија, Норвешка, Холандија, Данска и Англија. Втората стипендија е наменета за студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, покривајќи повеќе насоки на Градежниот, Машинскиот, Факултетот за електротехника и информатички технологии, како и на Технолошко-металуршкиот факултет.

Право на аплицирање имаат дипломирани студенти или студенти во последната година на прв циклус студии, на возраст до 30 години (или до 32 години со релевантно професионално искуство), со просечна оценка од 8/10 и со упис или писмо за прифаќање на постдипломска програма од универзитети во странство.

„Наша цел е да го поддржиме образованието и да поттикнеме развој на следната генерација лидери. Со овие стипендии, сакаме да помогнеме во развојот на млади таленти кои можат да донесат иновации и успех во своите области. Инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината на нашата индустрија и општество“, изјави Димитри Пасхос, главен извршен директор на ОКТА АД – Скопје.

За детали околу условите на конкурсот и начинот на аплицирање, заинтересираните можат да посетат веб-страницата на HELLENiQ ENERGY. Крајниот рок за пријавување е 18 мај 2025 година.

Оваа иницијатива е дел од долгорочната заложба на ОКТА за поддршка на образованието, која е основен столб на стратегијата на компанијата за општествена одговорност. Во соработка со УКИМ, ОКТА досега доделила 42 стипендии за втор циклус студии и овозможила практична работа за повеќе од 100 студенти.

Слични содржини