Додека Украина дебатира дали да ги одржи следните претседателски избори, првата дама Олена Зеленска вели дека не е сигурна дали нејзиниот сопруг Владимир Зеленски ќе се кандидира за втор претседателски мандат во 2024 година.
„Дури и кога се кандидираше за прв пат, не го поддржав целосно. Но, ако повторно се кандидира, ако смета дека е потребно, добро, барем имаме искуство, сме го поминале тоа“, изјави Зеленска за Си-Би-Ес.
Но, како што рече, поради состојбите во државата не е ни сигурно дали ќе има избори.
„Зависи и од тоа дали на нашето општество ќе му треба тој (Владимир Зеленски) за претседател, ако почувствува дека граѓаните повеќе не го сакаат, веројатно нема да се кандидира за функцијата, но јас ќе го поддржам што и да одлучи“, вели таа.
Украинските власти процениле дека со оглед на тоа што Русија окупира речиси една петтина од Украина, милиони раселени поради војната и десетици илјади граѓани кои служат како војници, одржувањето слободни и фер избори би било „практично невозможно и непромислено“.
„Русите ги туркаат (изборите) преку нивните тајни канали. Одржувањето претседателски избори во 2024 година би било ризично и штетно за земјата. Не постои ситуација во која е можно да има демократски избори за време на војна“, изјавил функционер за „Вашингтон пост“.
Сепак, одредени американски претставници, како сенаторот Линдзи Греам, јавно оценија дека Украина, и покрај војната, треба да одржи претседателски избори во март 2024 година.
„Разбирам дека украинскиот парламент треба да го одобри тоа и дека безбедносното опкружување за спроведување на изборите би било предизвик, но не можам да мислам на подобра инвестиција во стабилноста на Европа од тоа да и помогне на Украина да опстане како независна, самоуправна демократија заснована на владеењето на правото“, рече Греам.
Додека изјавата на украинската прва дама се чини дека Зеленски сè уште не одлучил дали ќе се кандидира, украинскиот претседател кон крајот на минатиот месец рече дека ќе биде подготвен да распише и одржи избори во 2024 година доколку сојузниците обезбедат безбедносна и логистичка поддршка.